Правна анализа на законот
- Назив на закон и број на Службен весник (последна измена или дополнување)
Закон за спречување перење на пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија“ 130/2014
- Дали законот предвидува собирање на лични податоци и во која форма? (евиденција, регистар, база)
Управата води евиденции за:
- лица за кои е доставен извештај за сомнителна активност
- лица за кои е доставен извештај за готовинска трансакција
- лица за кои е доставен извештај за поврзани готовински трансакции
- лица за кои е доставен извештај за исплатени кредити
- лица за кои е доставен извештај од нотар за заверен правен акт
- лица за кои е доставен извештај за склучување на полиса за осигурување на живот во износ над 15.000 евра во денарска противвредност
- лица за кои е доставен извештај за купопродажба на возила чија вредност надминува 15.000 евра во денарска противвредност
- лица за кои е доставен извештај за сомневање на перење пари и финансирање на тероризам до надлежните органи
- лица за кои е доставено известување за сомневање на друго кривично дело до надлежните органи
- лица за кои е издаден налог за следење на деловен однос
- лица за кои е издаден налог за примена на привремени мерки
- лица за кои се разменети податоци со надлежните органи во Република Македонија
- лица за кои се разменети податоци со овластените тела и организации на други држави и меѓународни организации и
- лица кои пренеле пари или физички преносливи средства за плаќање.
Евиденциите содржат лични податоци, согласно овој закон и други податоци и информации за субјектот на личните податоци и за трето лице.
- За која цел е предвидено собирањето на личните податоци? Дали целта е јасна?
Утврдување на мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари, поврзани казниви дела и финансирање на тероризам (во понатамошниот текст: перење пари и финансирање на тероризам).
- Кои категории на лични податоци се предвидени? Дали обемот одговара на целта?
Лични податоци, во смисла на овој закон, се: лично име, податоци за раѓање (ден, месец, година и место), живеалиште или престојувалиште, единствен матичен број, адреса на живеење и државјанство, како и други податоци преку кои директно или индиректно може да се идентификува одредено лице.
- Кој првично ги собира податоците? (компанија, институција)
Финансиските институции кои согласно овој закон ги опфаќаат:
- банки согласно Законот за банки;
- менувачници согласно Законот за девизно работење;
- штедилници согласно Законот за банки;
- брокерски куќи согласно Законот за хартии од вредност;
- даватели на услуги брз трансфер на пари и субагенти согласно Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари;
- пошти или други правни лица кога извршуваат финансиски трансакции, телеграфски преноси на пари или достава на вредносни пратки;
- друштва за осигурување, осигурително брокерски друштва, друштва за застапување во осигурувањето, осигурителни брокери и застапници во осигурувањето, кои вршат работи на осигурување на живот, односно вршат работи на застапување или посредување во осигурувањето при склучување на договори за осигурување на живот согласно Законот за супервизија на осигурување;
- друштва за управување со инвестициски фондови согласно Законот за инвестициски фондови;
- друштва за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови согласно прописите за пензиско осигурување;
- и други правни или физички лица кои согласно закон извршуваат една или повеќе активности во врска со одобрување кредити, издавање на електронски пари, издавање и администрирање на кредитни картички, финансиски лизинг, факторинг, форфетинг, давање на услуги на инвестициски советник, посредување при микроплаќање и други финансиски активности утврдени со закон.
- Дали за некоја категорија на лични податоци е предвидена согласност од субјектот за нивна обработка?
Не.
- Дали се предвидени јасни и конкретни рокови на чување на личните податоци?
Податоците од евиденциите од овој закон се чуваат во рок од пет години од денот на нивниот прием.
- Дали постои посебен член за заштита на личните податоци кој јасно укажува на примена на технички и организациски мерки?
Податоците обезбедени врз основа на овој закон се доверливи и можат да се користат единствено за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Не се смета за оддавање на деловна тајна доставувањето на податоците до Управата и до органите на надзор или надлежните органи за спроведување на законите. Субјектите, лицата кои што управуваат со субјектите и нивните вработени не смеат да го известат клиентот или трето лице за доставувањето на податоците до Управата или за мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам преземени врз основа на овој закон. Забраната се однесува и на случаите кога се доставуваат податоци до органите на надзор или надлежните органи за спроведување на законот. Вработените во субјектите и лицата кои што управуваат со субјектите кои имаат обврска да преземаат мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, согласно со овој закон, не смеат да ги користат личните податоци од досијеата на клиентите за други цели, освен за спроведување на активностите наменети за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
Личните податоци прибрани за целите на овој закон се користат во согласно со овој закон и прописите за заштита на личните податоци.
- Дали обработката на податоците предвидена во овој закон е или треба да е поврзана и со примена на друг закон?
- Закон за банки;
- Закон за девизно работење;
- Закон за хартии од вредност;
- Закон за вршење на услуги брз трансфер на пари;
- Закон за пошти;
- Закон за супервизија на осигурување;
- Закон за инвестициски фондови;
- прописи за пензиско осигурување;
- Дали постојат исклучоци за обработка на чувствителни лични податоци? (ЕМБГ, биометрија, видео надзор)
ЕМБГ, податоци за трансакциска сметка.