Резиме
Целта на истражувањето на законските и на институционалните рамки во Република Македонија во однос на приватноста беше да се оценат состојбата и можностите што тие ги нудат за заштита на индивидуалната приватност на граѓаните, но и да се понуди референтна рамка и методологија по која во иднина би се спроведувале и други истражувања и проекти во оваа област.
Со идентификување на законите и на подзаконските акти што би можеле да влијаат на правото на приватност, особено на оние во кои е вклучено собирањето, обработката, трансферот и чувањето лични податоци, граѓаните кои не се правни експерти лесно и едноставно може да видат на кои сè начини и преку кои закони и институции нивната приватност би можела да биде загрозена.
Резултати од истражувањето
Експертите се едногласни дека заштитата на лични податоците и приватноста се еднакво важни како и подигнувањето на свеста меѓу граѓаните. Тие се сложуваат дека во Македонија, законската регулатива која гарантира заштита на лични податоци, вклучително и предвидени техничко-технолошки мерки, е на едно солидно ниво, меѓутоа проблемот го лоцираат во примената на законите.
Според мислењата на експертите, во Македонија состојбата со приватноста не е на завидно ниво, но, од друга страна, постојано се подобрува. Тие идентификуваа неколку начини и целни групи, на кои, според нив, најмногу треба да се работи оти состојбата со заштитата на приватноста и личните податоци претставува општествен проблем, кој не смееме да го игнорираме.
Правната анализа на законите открива дека во добар дел од законите нема јасно и прецизно наведени рокови за чување на личните податоци на граѓаните. Исто така, во поголемиот број од законите што предвидуваат собирање лични податоци, не се предвидува и барање согласност од субјектите, но постојат и закони кои речиси не исполнуваат ниту еден критериум за заштита на приватноста и на личните податоци.
Правната анализа утврди дека, сепак, има и закони кои се добро уредени, кои ги почитуваат начелата на Законот за заштита на лични податоци, предвидуваат јасни рокови и цели на собирањето на личните податоци, односно кои ги исполнуваат критериумите на правната анализа, и се во согласност со препораките од Европска унија.
Производ од правната анализа се препораките и по области, но и препораки за секој закон посебно. Препораките укажуваат на одделни членови во законите кои е потребно да се променат или, пак, да се додадат членови кои недостигаат и, преку тоа, би се гарантирала приватноста на граѓаните кога нивните лични податоци се собираат, чуваат, обработуваат и се пренесуваат во согласност со овие закони.