Правна анализа на законот
- Назив на закон и број на Службен весник (последна измена или дополнување)
Закон за евиденциите во областа на трудот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004; 102/2008; 17/2011; 166/2012 и 11/2013)
- Дали законот предвидува собирање лични податоци и во која форма? (евиденција, регистар, база)
Законот предвидува собирање лични податоци во следниве форми:
Евиденција на корисници на јавни средства од Агенцијата за вработување;
Евиденција за вработените работници;
Евиденција на невработените лица и други лица кои бараат работа;
Евиденција за плати;
Евиденција за повредите при работа;
Евиденција за штрајкови;
Евиденција за државјаните на Република Македонија на работа во странство;
Евиденција за понудата на странски работодавци за вработување на државјани од Република Македонија во странство;
Евиденција за странски државјани и лица без државјанство вработени во Република Македонија;
Евиденција за осигурениците и за осигурените лица од здравственото осигурување;
Евиденција на членовите на семејството на државјани на Република Македонија на работа во странство – корисници на здравствена заштита;
Евиденција за корисниците на права од инвалидското осигурување.
- За која цел е предвидено собирањето на личните податоци? Дали целта е јасна?
Остварување права од работните односи.
- Кои категории на лични податоци се предвидени? Дали обемот одговара на целта?
Категориите на лични податоци се детално утврдени за секоја евиденција одделно.
Практиката укажува на собирање фотокопија од лична карта кај повеќе евиденции од наведените, а не е предвидена со овој закон што не е во согласнот со начелата за заштита на личните податоци.
- Кој првично ги собира податоците? (компанија, институција)
Агенција за вработување на РМ;
Фонд за пензиско и инвалидско осигурување;
Фонд за здравствено осигурување;
Работодавец.
- Дали за некоја категорија на лични податоци е предвидена согласност од субјектот за нивна обработка?
Не, иако дел од податоците за контакт можат да бидат опционални.
Етничката припадност треба да биде податок кој вработениот опционално ќе го дава.
- Дали се предвидени јасни и конкретни рокови на чување на личните податоци?
Да. Евиденциите за вработените лица и евиденциите за плати се чуваат трајно, но за останатите евиденции кои содржат лични податоци потребно е поврзување со законот за архивско работење.
- Дали постои посебен член за заштита на личните податоци кој јасно укажува на примена на технички и организациски мерки?
Не. Потребно е вметнување на член како што е тоа уредено во Законот за работните односи.
„Личните податоци на работниците можат да се собираат, обработуваат, употребуваат и доставуваат на трети лица само ако е тоа определено со овој или друг закон или ако е тоа потребно заради остварување на правата и на обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.
Личните податоци на работниците може да ги собира, обработува, употребува и доставува на трети лица само работодавецот или работникот, кого работодавецот за тоа посебно го овластил.
Личните податоци на работниците, за чие собирање не постои повеќе законска основа, мораат веднаш да се избришат и да престанат да се употребуваат.
Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член се однесуваат и за личните податоци на кандидатите за вработување.“
Потребно е допрецизирање на примената на технички и организациски мерки за тајност и заштита на личните податоци заради регулирање на авторизацијата на пристапот до личните податоци на вработените.
- Дали обработката на податоците предвидена во овој закон е или треба да е поврзана и со примена на друг закон?
Закон за работните односи;
Закон за архивско работење;
Закон за облигационите односи.
- Дали постојат исклучоци за обработка на чувствителни лични податоци? (ЕМБГ, биометрија, видеонадзор)
Да. ЕМБГ е задолжителен елемент во неколу евиденции, а се предвидува и обработка на здравствени податоци.
Етничката припадност треба да биде податок кој вработениот опционално ќе го дава.