Скопје, 12 февруари, 2015 (META) 

Три дена откако новинската агенција „Мета“ побара одговор од „Т-Мобиле“ на прашањето како реагираат на изјавата на лидерот на СДСМ дека без мобилните оператори практично би било невозможно да се прислушува и по објавувањето на текстот „Апсурд: Законски е да се прислушува преку мобилните оператори“ го добивме следниот одговор:

„Како и секогаш, Т-Мобиле Македонија работи во согласност со законите на Република Македонија. Ги почитуваме законските норми пропишани со Законот за следење на комуникациите и Законот за електронски комуникации, каде во член 175 детално се наведени правата и обврските на телекомуникациските оператори во однос на следење на комуникациите. Т-Мобиле Македонија не ја нарушила, ниту ќе ја наруши приватноста на своите корисници“, стои во соопштението.

Според членот 175 од Законот за електронски комуникации, операторите се должни да ги обезбедат техничките услови за следење на комуникациите во нивните мрежи.

Опремата, според ставот 2 од членот 175, наложува операторите сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење. За опремата, операторите се должни да побараат техничка спецификација од надлежниот орган, кој ги утврдува и мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот.

 

Линк до оригиналниот напис овде.