Фондацијата Метаморфозис, во рамките на проектот „Истражување за приватноста во Македонија – Правна и институционална рамка“, спроведе истражување чија цел е да се оцени состојбата и можностите кои овие регулативи ги нудат за заштита на индивидуалната приватност на граѓаните, но, и да понуди референтна рамка и методологија по која би се спроведувале и други истражувања и проекти во иднина за подобрување на состојбата со приватноста.
Првичните резултати од истражувањето се целосно достапни на веб-сајтот Privatnost.mk, при што Метаморфозис ги поканува сите засегнати страни, од претставници на релевантните државни институции, граѓанскиот сектор, академската и професионалната заедница, медиумите, како и индивидуалните граѓани, да земат учество во отворената дискусија.
Со идентификување на деловите законите и другите прописи кои влијаат на правото на приватност на граѓаните, особени оние закони каде е вклучено собирањето, обработката, трансферот и чувањето на лични податоци, и потоа, нивна правна анализа по неколку критериуми, на лесен и едноставен начин може да се даде до знаење на граѓаните, кои често не се правни експерти, на кои се начини и преку кои закони/институции, нивната приватност би можела да биде загрозена и заштитена.
Ве покануваме да го дадете вашиот придонес преку оставање на коментар, забелешка или препорака која би сакале да биде разгледана и вклучена во финалниот извештај. Учествувајте преку коментари на Пинг.мк или преку е-пошта на info_et_metamorphosis.org.mk.
Дискусијата е отворена до 20 април, 2015 година.