На 01 декември се одржа Час по приватност во средните училишта СУГС „Браќа Миладиновци“ и СУГС „Владо Тасевски“. На предлог на училиштата во СУГС „Браќа Миладиновци“ предавањето се одржа на ученици од прва и втора година, додека во СУГС „Владо Тасевски“ на ученици од прва, втора и трета година.
Учениците, како и на другите предавања, имаа можност да се запознаат со поимите личен податок, право на приватност, заштита на социјалните мрежи, ширење на говор на омраза, каде треба да пријават доколку се сомневаат на злоупотреба на личните податоци, за видео надзорот во училиштата, за нивните права, но и обврски за чување на своите, но и туѓите, лични податоци.
Учениците во „Браќа Миладиновци“ беа однапред добро информирани за тематиката на предавањето што придонесе до поголема ефикасност на часот. Кооординаторите од училиштето имаа оформено 5 тима кои опфаќаа ученици од сите години и смерови, кои преку најразлични активности поврзани со темата лични податоци и социјалните мрежи успеале да ги подготват учениците за претстојниот час.
Во „Владо Тасевски“, учениците најголем интерес пројавија за личните податоци обработени од страна на социјалните мрежи, каде и кога настанува злоупотреба и каде треба да се обратат доколку се сретнат со таков непријатен настан.
И овојпат беа одредени инфо-катчиња во секое училиште, со дисеминација на брошури и информативни материјали.
Часот по Приватност во училиштето „Владо Тасевски“ беше воедно и последното предавање, со што се заокружија активностите предвидени за првиот дел од проектот. Предавачите од Дирекцијата за заштита на личните податоци заедно со претставници од останатите партнери на проектот, почнувајќи од 1-ви септември одржаа „Час по приватност“ во сите средни училишта на територија на Град Скопје, а со тоа успешно ги реализираа сите активности предвидени за првото полугодие од оваа школска година. Вториот дел од проектот, во второто полугодие поголемо внимание ќе обрне на наставниот кадар и родителите.
Линк до оригиналниот напис овде.