На 25 ноември, 2014 година, Третиот комитет на Генералното собрание на ОН усвои Резолуција во која се бара од државите “почитување и заштита на правото на приватност” во ера на дигитализација. Резолуцијата е продолжение на мошне сличен акт што Германија и Бразил го поттикнаа минатата година како реакција на откровенијата на Сноуден. Германија и Бразил го предводеа усвојувањето на Резолуцијата за оваа година, обезбедувајќи притоа триесет и пет земји-подржувачи на истата, вклучувајќи ги овде Куба и Русија, земји кои и не се толку познати како поборници на приватноста на интернет. Во тој контекст, особено значаен е говорот на Германскиот амбасадор во мисијата на ОН во Њујорк, Харалд Браун за значењето на резолуцијата и придобивките од усвојувањето на истата.
„Минатогодишното разоткривање од страна на Едвард Сноуден иницираше глобална дебатата за заштита на правото на приватност. Во тој контекст, Генералното собрание ја усвои резолуцијата 68/167, предложена од Бразил и Германија, потврдувајќи дека човековите права мора да бидат заштитени на интернет на ист начин на кој се заштитени и офлајн. Ова е есенцијален, ако не и задоцнет чекор, имајќи ги во предвид новите технички можности за надгледување и прибирање лични податоци како предизвик на правото на приватност и другите човекови права. Понесени од многуте благодети што ни ги носат новите технолошки откритија, треба да се запрашаме за моралните и правните граници на овие технолошки предности и како да ги заштитиме и почитуваме човековите права во тој контекст.“
„Овогодинешната резолуција содржи важни нови елементи, кои во најголема мера се иницирани од следниве наоди:
- Како прво се осврнуваме на мета- податоците во контекст на дигиталниот надзор, каде постојат бројни случаи кои укажуваат на тоа колку е лесно да се изготви личен профил со собирање на мета-податоци.
- Понатаму, резолуцијата ја потврдува одговорноста на приватни субјекти да ги почитуваат човековите права кога работат со лични податоци. Во случаи кога наместо државата, приватни компании ги контролираат и раководат збирките од лични податоци, ова е важен чекор напред.
- Резолуцијата исто така го потенцира фактот дека самите заштитници на човековите права често стануваат жртви на надзор поради нивните активности.
- Диспозитивот на резолуцијата укажува дека поединци чие право на приватност е повредено како последица на незаконски или самоволен надзор, траба да имаат пристап до ефикасен правен лек. Ова е одраз на воспоставениот принцип дека ефективна заштита на човековите права мора да вклучува ефикасен правен лек за повреди.
- На крај, резолуцијата го поттикнува Советот за човекови права да ја разгледа можноста за воспоставување на посебна постапка што ја следи промоцијата и заштитата на правото на приватност. Ние ги вреднуваме претходните напори на Советот за човекови права по ова прашање и веруваме дека една нова, посебна процедура, со вклучување на специјален известувач на пример, може да донесе значаен придонес во дебатата.“
„Останува да се направи уште многу за заштита на правото на приватност во дигитлната ера. Законите и политиките некако сегогаш се чекор назад од технолошките откритија. Сепак, останува наша заедничка обврска да го почитуваме човековото право за приватност и да ги заштитиме нашите граѓани од повреда на истото . Оваа Резолуција претставува само стартна точка по овој проблем, но и мошне важна со самото тоа што е присутна на агендата на Обединетите нации.“ – истакнува амбасадорот Браун.
Линк до оригиналниот напис овде.