Скопје, 20 март, 2015 (META) 

Чинот на масовно прислушување претставува прекршување на човековите права од највисок степен и апсолутна злоупотреба на можноста за следење на комуникациите, со што се загрозува владеењето на правото во државата, наведува Хелсиншкиот комитет во својот годишен извештај. Во извештајот Хелсиншки комитет се осврнува и на студентскиот и на професорскиот пленум и на измените во законот за хонорарци.

„Имено, со неовластеното прислушување се прекршуваат член 18 од Уставот на РМ, според кој се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, член 25 од Уставот на РМ, според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот“, се вели во извештајот на Хелсиншки комитет.

Во однос на истрајноста на „Студентски пленум“ со поддршка од „Професорски пленум“ и прогласувањето автономна зона низ факултетите, Хелсиншкиот комитет забележува дека преку ваквиот начин на практикување директна демократија во рамките на Универзитетот и, пред сè, одбрана на автономијата на високообразовните институции, пленумот покажал дека младите поседуваат политичка зрелост да се вклучат во процесите на носење одлуки од јавен интерес.

Во однос на плаќањето придонеси на хонорари, Хелсиншки комитет забележува дека граѓанската иницијатива против плаќање придонеси на хонорари составена од претставници на независни синдикати, во т.н. Синдикална повелба, граѓански организации и индивидуалци, го искористија правото на пристап до информации од јавен карактер и поднесе 134 прашалници со различен број прашања до Министерството за труд и социјална политика поради нејаснотиите поврзани со изгласаните измени за плаќање придонеси на хонорарите.

 

Линк до оригиналниот напис овде.