Скопје, 11 декември, 2014 (META) 

Фондацијата „Метаморфозис“ ја организираше јубилејната десетта по ред Меѓународна конференција „Е-општество.мк“, на тема „Човекови права на интернет – Слобода на изразување, говор на омраза и приватност во дигиталниот свет“. На конференцијата беше промовиран прирачник за заштита на приватноста и за одговорно користење на интернетот, како и мобилната апликација „немрази.мк“ за пријавување на говорот на омраза на социјалните мрежи и за инфромирање за настани поврзани со бробата против говорот на омраза.

Конференцијата ја отвори амбасадорката на Франција во Република Македонија, Лоранс Оер, која ја истакна важноста на човековите права во добата на подем на интернетот и на новите технологии.

– Денес повеќе од една милијарда луѓе се поврзани на интернет. Пристапот на интернет треба да се смета за основно човеково право, а ние сите треба да го заштитиме. Нашите лични податоци се навистина скапоцени, а просторот на индивидуалната слобода треба да биде заштитен. Тука е засегнато граѓанското општество, образованието и јавниот сектор – рече Оер.

Според министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, кога сме поврзани на интернет, треба да внимаваме на нашите постапки.

– Луѓето се регистрираат на сервиси и на апликации без да ги читаат нивните права и обврски, и без да знаат што ќе се случи со нивните податоци. Потребна е обука на граѓаните за да ги знаат нивните права и обврски кога користат интернет. Сликите на социјалните мрежи се дополнителен проблем кога станува збор за приватноста. Има голем број случаи на нарушени бракови, нарушени бизнис-договри, нарушена приватност и има голем број тужби, особено со со снимањето на улиците преку „Гугл стрит вју“ бидејќи без согласност на лицето таа слика е поставена на интернет – рече Ивановски.

Директорот на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, подвлече дека не треба да се плашиме од интернетот, туку преку едукација и градење свест за сигурно и одговорно користење, тој да остане слободен.

– Особено е важно да се унапреди слободата на изразување на интернет бидејќи во Македонија интернетот останува најслободниот медиум и едно од ретките места каде што граѓаните можат слободно да си го искажат своето мислење и на тој начин да придонесат со свои ставови за важни општествени прашања – рече Јашари.

Конференцијата се спроведе во рамки на проектот „Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија“, а во соработка со Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен и претставува продолжување на долгогодишната соработка на Фондацијата „Метаморфозис“ и регионот Долна Нормандија во областа на човековите права.

 

Линк до оригиналниот напис овде.