Податоците за туристите што престојуваат во хотелите, Општина Тетово ќе ги добива електронски. Локалната самоуправа преку посебен софтвер ќе се информира од каде е туристот, колку престојува, кој пол е и слично. Името и презимето, броевите на личната карта и пасошот на туристот, нема да се објавуваат за да се заштитат неговите лични податоци.
Овој електронски начин на добивање податоци е дел од проектот „Систем за електронска евиденција на туристи“, спроведен од организацијата ИКТ за промени, поддржан во рамки на проектот „Акциска мрежа за добро владеење“, кој се спроведува од Фондацијата „Метаморфозис“, во партнерство со МЦЕТ и „Реактор“, а со финансиска помош од Европската комисија преку програмата IPA CIVIL SOCIETY FACILITY (CSF) 2012-2013.
– Моментално туристите во Општина Тетово се пријавуваат со име и со презиме, овие информации нема потреба да ги има Општината затоа што со што на тој начин се крши законот за заштита на личните податоци. Хотелиерите до локалната самоуправа, информациите за туристите ќе ги доставуваат преку посебен софтвер, тие информации ќе содржат податоци, од каде има туристи, колку има туристи, за да може Општината да ја одреди таксата што треба да се наплати за престој на туристите – изјави Адријан Бесими од организацијата ИКТ за промени.
Општина Тетово го поздрави проектот.
– Потребен е ваков проект затоа што на овој начин ќе се заштитат личните податоци на туристите, но и попрецизно, ќе се ажурираат нивните податоци – изјави Салат Алили од канцеларијата на локалниот економски развој при Општина Тетово.
Системот за електронска евиденција на туристите би можел во иднина да се спроведе и во останатите градови во Македонија.
Извор: МЕТА