Правна рамка за приватност
Република Македонија има сопствена правна рамка која го гарантира правото на приватност и заштита на личните податоци. Во член 25 од Уставот на Република Македонија стои:
„На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.“
Член 18, пак, вели :
„Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.
На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.“
Со Уставот е заштитена приватноста и слободата во комуницирањето : Член 17 гласи,
„Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.
Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.“
И конечно, Член 26 ја гарантира неповредливоста на домот :
„Се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување, на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.“
Освен законската рамка дадена во Уставот, во Република Македонија постојат и дополнителни закони и подзаконски акти кои ја унапредуваат заштитата на личните податоци на граѓаните и нивната приватност.
Во Законот за Заштита на Личните Податоци, донесен во 2005, се дефинираат начини на кои личните податоци на граѓаните се собираат, кога е дозволено нивно собирање и складирање а кога не, се дефинираат категории на лични податоци по сензитивност, воедно и мерки за заштита на истите од недозволена обработка.
Генерално, личните податоци на граѓаните можат да се обработуваат само со изречита согласност, освен во случаи од голема важност за безбедноста на Република Македонија.
Понатаму, во законот се наведени и техничките мерки потребни за физичка безбедност на базите на податоци. Во периодот по иницијалното донесување на законот во 2005, се изготвени повеќе правилници кои дополнително ги прецизираат потребните технички мерки за одделни институции кои вршат собирање, складирање и/или обработка на лични податоци, што дополнително придонесува кон безбедноста на податоците.
Во поновите правилници, најновиот достапен во моментов датира од 03.2014, се наведени и лица-администратори на базите на податоци, кои имаат обврски пропишани со закон, како што е одржување на базите на податоци, обезбедување на технички мерки за физичка безбедност и заштита од надворешни влијаниа на серверите на кои се чуваат податоците, одобрување и креирање на пристап преку лозинки до вработените лица кои ги користат таквите податоци во секојдневното работење, повеќе нивоа на овластување итн.
Со последните правилници, како и подзаконските акти, забележуваме тренд на следење и прецизирање на регулативата што се однесува на заштитата на личните податоци и правото на приватност со широко прифатените предлози на ЕУ и глобалната сцена.
Освен гореспоменатите уставни и законски прописи кои промовираат приватност и заштита на личните податоци, постојат и низа други закони и подзаконски акти кои припаѓаат на одделни сектори (како на пример, Законот за Државна Статистика и Законот за Социјална Заштита) кои дополнително го осигуруваат ова основно човеково право. Бидејќи органите како полицијата, агенцијата за вработување, пензиското осигурување итн, ги користат (прибираат, складираат, обработуваат) личните податоци во нивното секојдневно работење, потребно е во таквите инстанци дополнително прецизирање на начините на кои тие податоци ќе се користат, како и механизмите за заштита од злоупотребата.